Archive for October 2015

Што се случи со детето од рекламата за „Ќе имаме бебе“ (2. дел)

Според правилата што владеат во тра-ла-ла ленд, т.е. универзумот во кој припаѓа приказната за „Ќе имаме бебе“, бебето Никола, мајка му Ѓурѓа и татко му Станко би требало среќно да си живеат со самото тоа што бебето е зачнато. Сѐ понатаму се сведува на - ќе се снајдеме.

Во првиот дел од оваа анализа ги погледнавме нештата од аспект на реалноста, т.е. колку таа реалност финансиски ќе проголта сега веќе две фамилии, уште во првите шест месеци од животот на Никола. Сега продолжуваме со анализа на она што ќе се случува понатаму во неговиот живот, како и во животите на неговите родители и бабата и дедото со кои живеат или како стојат нештата седум години подоцна...

Според сите пресметки, но и според основната логика, како што бебето расте, сите нешта стануваат поскапи. Полека ќе се намалува потребата од формула и пелени, но и тоа како ќе се зголемува потребата од облека, посложени играчки, дополнителни реквизити, обувки и што ли уште не, чија цена прогресивно расте како што одминуваат годините. И, што во ваква ситуација ќе прават Ѓурѓа и Станко?

Овие двајца тазе родители се млади, неискусни, недообразовани или наједноставно речено - изгубени на пазарот на трудот, а сепак очајно им е потребна работа. Идеално, Ѓурѓа би требало според моделот „секоја жена треба да има 913 деца“ да остане дома, да го чува Никола и едвај да чека да затрудни повторно, за да може лека-полека да си ја постигне квотата. Но, кога ќе се соочи со суровата реалност, кога ќе види дека на син ѝ нема да може да му купи нешто што е неопходно и ќе моли некого за позајмица, тогаш ќе тргне во потрага по работа.

Според површните карактеристики на ликот на Ѓурѓа, кои ни се претставени во делото, пред сѐ наивниот оптимизам и речиси детската лековерност, најверојатно е таа да заврши како продавачка во маалски бутик или пак шивачка во некоја, најблаго кажано, сива конфекција. Ќе биде пријавена на минимална плата, но разликата од 6.000 денари до колку и да е сега минималната плата, ќе ја враќа во готово кај газдата, како што е востановената пракса според јавната тајна. За ваквата одлична прилика, таа ќе работи 6 дена во неделата (во текот на ударните акции и 7!) во просек по 10 часа дневно. Детето ќе го гледа од роденден на роденден, доколку газдата се смилува да ѝ даде слободен ден.

Ликот на Станко пак е претставен како малку поцврст. Тој, покрај фактот што навива за правилниот тим, му пристапува на прашањето што му е презентирано во најнезгоден момент доста аналитички. Ги посочува прашањата што ќе направат најголеми проблеми и бара консултација од неговиот понатамошен партенер во животот. Нормално, наместо тоа, добива емоционално бомбардирање и веќе споменатиот наивен оптимизам.

За Станко постојат две опции. Ако татко му или пак родителите на сопругата имаат добри врски, теоретски е можно да се вработи во државна администрација и да ја достигне екстра платата од 21.000 (+кусур за мастики) денари. Ако не, тогаш би рекол дека би се изборил за место во некоја од странските инвестиции (да не се помешаат со проектот America Works на Френк Андервуд) и ќе успее да дојде до плата од некои 200 евра + ноќна работа и празници, што би можело да ја покачи платата до кај 21.000 денари во добрите месеци. Врти-сучи, пак тука некаде е врвот!

Статистички гледано, многу поверојатно е дека Станко ќе мора сам да се избоксува за работата, што значи, ако има среќа, го чекаат околу 350евра плата, но за работа во смени, 8 часа на нозе, на минимум 25 километри од дома. Секоја смена со организираниот превоз ќе му јаде по еден час плус пред и по работното време, што значи тој секојдневно ќе биде надвор од дома по 10 часа (слично како и сопругата, но сосема сигурно во различни смени). На ова ќе го додадеме и просечното време потребно за сон од 8 часа, излегува дека ќе му останат 6 часа во денот да заврши сѐ што е потребно и плус да помине време со Никола.

Вкупниот буџет на новото семејство ќе биде околу 400 евра месечно (ако имаат среќа и сѐ помине во ред во овој замислен свет). Сѐ над ова е апсолутно лудо и нереално според претставените ликови. Ова е веројатно најоптимистичкото можно сценарио кога станува збор за македонскиот пазар на трудот. Значи може и да биде полошо, но сепак да одиме до крај со оптимизам.

За жал, со 400 евра вкупен приход, ова незрело семејство не се квалификува ни приближно за станбен кредит. Со тие пари, а без помош од нивните родители (кои да се потсетиме беа финансиски исцрпени во првите 6 месеци од животот на Никола и при подготовките за неговото раѓање), тешко е дека ќе купат и кола во скоро време.

Значи сѐ останува како што беше на стартот. Парите се доволни за да се задоволат само основните потреби на бебето, кое сега е веќе дете и да се прехранат возрасните. Не остануваат пари за нова облека, за шетање уште помалку, за луксузи да не правиме ни муабет. Новото семејство останува да живее во заедница со бабата и дедото, а доколку тие имаат уште едно дете (како што е најчесто случајот), тогаш тоа живеалиште станува апсолутен кошмар за сите инволвирани, бидејќи во просек се работи за двособен стан! И така ќе остане во наредните триесетина години, во просек.

На сепак, во оваа приказна, од сите возрасни, некако бабата ќе го крка најмногу, бидејќи е невработена, а се нема пари за градинка, па ќе мора да биде со Никола речиси по цел ден, а некогаш и буквално цел ден! До неговата шестта година, неговата баба воедно му е и дадилка.

Во септември 2014 година, Никола од рекламата за „Ќе имаме бебе“ тргнува во нулто одделение, на свои шест години (без 3 и пол месеци). Оттука натаму, неговото воспитување е одговорност на државата. Никола е дете растено со баба и речиси само со баба, затоа што неговите родители се отепуваат од работа, само за да ги поминат месеците кои им изгледаат премногу. Никола е немирен, претемпераментен, на моменти отсутен и се чувствува како никој да не го сака. Тој знае дека неговите немаат време за него. По сѐ изгледа креветчето и количката не му биле доволни за да биде среќно дете. А, неговата учителка и педагогот не се во можност да се справат со неговото однесување, од проста причина што не сакаат. Барем не за платата што ја примаат.

Во септември годинава, Никола тргнува во прво одделение. Училиштето не му оди најдобро. Не се чувствува сакан, ги нема работите што ги посакува, ги нема и дел од работите што реално му требаат. Заостанува зад своите врсници во секој поглед. Се фрустрира уште толку и однесувањето само му се влошува. Физички се пресметува со другите деца, од училиштето ги повикуваат родителите на разговор, но тие не можат да излезат од работа, па ја праќаат бабата... И сѐ така натаму и сѐ така удолу.
 
Никола ќе го дочека седмиот роденден со мисла дека целиот живот бил запоставен, недоволно сакан, оставен, несреќен и на најдобар пат да стане деликвент. Но, Ѓурѓа беше во право. Барем ги има очите, веѓите, устата и носот на Станко, а тие дефинитивно ја направија вистинската одлука во животот.

Leave a comment

Што се случи со детето од рекламата за „Ќе имаме бебе“ (1. дел)

Пред неколку години решив „стручно“ да се осврнам на рекламата за „Ќе имаме бебе“. Оваа дамнешна анализа можете да ја прочитате овде, пред да тргнеме во преглед на настаните од животот на детето што произлезе од легендарната приказна.

Да почнеме од почеток. Мајката му соопштува на таткото дека ќе имаат бебе на 29. март, што значи бебето е направено некаде кон средината на месецот и доколку било износено до терминот, се родило некаде во втората половина од декември, 2008 година. Поради подобра прегледност на настаните, да речеме дека се родило на 19. декември и поради тоа го крстиле Никола.

Под претпоставка дека Никола и мајка му (да речеме дека се вика Ѓурѓа) го преживеале породувањето, а има добри шанси да е така, бидејќи според говорот наликуваат како да се од Скопје; денес малиот ќе биде возбуден во пресрет на неговиот седми роденден, кој е доста важен во развојот на детската психа, па редно е да видиме како се развило детето, по мудрата одлука на неговите родители.

Од 29. март до денес се случија многу нешта: Адебајор наместо во Арсенал ја грее клупата на Тотен@#*, гадниот Фабрегаз се прошета по сите женски фудбалски клубови и заврши во ЦСКА Лондон, Фламини се врати од печалбата во Милан, а мене ми се роди син, пред 6 месеци, поради што имам доволно референтни точки за да можам да зборувам за фиктивното дете што така розово ни беше сервирано во рекламата.

Имено, мене ми беше соопштено дека ќе имаме бебе во средината на октомври, во онаа недела кога има пауза од фудбал за да играат репрезентациите и не можам точно да го одредам денот, бидејќи играше Македонија, а нашите натпревари се речиси идентични порази. Од тогаш (7 месеци пред да се роди Давид) па сѐ до денес, во вистинска смисла на зборот сфатив колку многу им е несериозен пристапот и колку проклето смешно звучи рационализацијата на фактот што две деца од 19-20 години и самите ќе имаат дете.

Да не се разбереме погрешно, нашето дете е создадено по план и програма (а не после кафана), со соодветни подготвителни чекори, а сепак не може ни да се замисли колку скриени изненадувања ве чекаат буквално секој ден!

Да се вратиме на фиктивниот Никола од рекламата. Се родил, здрав и жив, заедно со мајка му Ѓурѓа. Како што вели македонската традиција, мора да се направи мини свадба за да се прослави овој настан и да се почести сѐ живо. Таткото (да речеме дека се вика Станко) не може да земе кредит, оти е сѐ уште на факултет за секое дете, исто како и мајката, но затоа неговиот татко, дедото на Никола, може и ќе мора да земе кредит. Тие и онака ќе живеат со него, па ќе мора да плати кутриот, зашто инаку срам ќе пукне од комшиите. Тоа значи дека за петте илјади евра, семејниот буџет ќе биде оптоварен за дополнителни 4.800 денари месечно, во наредните 7 години. Значи, кај и да е, ќе им достаса и последната рата во ноември.

Самиот Станко во рекламата ѝ кажа на Ѓурѓа дека покрај немањето стан, немаат ниту кола. Ако ниту еден од паровите баба-дедо не поседува возило (што е случај со голем број македонски семејства), тоа значи дека за секој преглед, секоја вакцина, секоја лекарска интервенција ќе треба да се плати такси - со бебе не можеш да се возиш во автобус. Значи, 1.000 до 2.000 денари месечно дополнителни трошоци, во зависност од тоа каде живеат.

Пелените Ѓурѓа ефективно ги реши со илјадарката џепарлак што нивните им ги давале за кафана (иако чисто се сомневам дека има дете што може да биде покриено само со 1.000 денари месечно за пелени). Станко уште тогаш ја праша каде се кашичките, купките и чаевите?! Ех, да беа само кашичките, купките и чаевите проблем...

На пример, поради исклучително релаксираната атмосфера на живеење, во којашто нема асполутно никаков стрес, голем број од родилките немаат млеко после породувањето. Ако и овој Никола ја имал истата среќа со мајка му, тогаш неговите треба да знаат дека едно пакување формула за млеко е 967 денари и во зависност од лакомоста на детето, трае меѓу 7 и 10 дена. Значи, минимум 45 евра месечно само за јадење, во првите 6 месеци, пред воопшто да дојдеме до кашичките.

Згора на тоа ќе биде потребно: многу облека (кога велам многу, мислам на иницијални минимум 200 евра и по просечно 50 евра дополнително секој нареден месец, оти маливе растат од некоја непозната причина), релаксатор (60 евра), стерилизатор (45 евра), џампер или дубак (50-100 евра), кадичка за бањање (30 евра), столче за хранење (70-90 евра), седиште за кола (100 евра, но овие бидејќи ќе се возат со такси, ќе го користат транспортерот од количката што родителите на Станко ќе ја купат), прибор за исхрана (30 евра во целост), лекови (по потреба, но најевтиното нешто е 2 евра), играчки кои се неопходни за правилен психофизички развој (минимум 5 евра парче, до шест месечна возраст барем дваесетина играчки), влажни марамици (1 евро, ама одат како алва) и што ли уште не...

До сега, сево ова, во замислениот универзум на „Ќе имаме бебе“ може да се покрие со земениот кредит по повод големата среќа што ги снајде, зашто и вака и така татко му на Станко во најголем дел ќе ги покрива трошоците во прв период, со оглед на тоа што веќе живеат со него и со бабата на Никола. Нивните семејни примања, да речеме дека се идентични како на едно просечно македонско семејство (околу 21.000, со еден вработен). Најголем дел од тековните приходи ќе одат на: покривање на ратата од кредиот, подмирување тековни сметки и храна за возрасните. Ѓурѓа и Станко, барем во првата половина од 2009. година може комотно да заборават на излегување (од кој било вид), купување облека или пак каков било друг „луксуз“ кој не е директно поврзан со благосостојбата на Никола.

По овој период, секако нештата ќе мора да се сменат, затоа што кредитот ќе секне и оттука па натаму работите стануваат уште поинтересни. Ѓурѓа и Станко ќе немаат ниту време, ниту пари, ниту пак нерви да го завршат факултетот и ќе мора да најдат работа...

Leave a comment

Репринт: Стручна анализа на рекламата за: „Ќе имаме бебе“

Пост што беше објавен во еден друг живот, пред многу многу време. Преобјавата ќе послужи како подлога за една следна приказна која доаѓа од реалноста и ќе се фокусира на финансиските благодети на израснување дете со „илјадарка“. 

Многумина ми рекоа дека рекламава била за абортус (или против истиот, сеедно), па дури така пишува и на видеото, ама јас во ниту еден момент, гледајќи ја, не добив таква порака. Оттаму, се решив дека е редно да се направи една стручна анализа на рекламата за „Ќе имаме бебе“.



Ќе започнам со локализацијата. Според параметрите што ни се дадени во позадина, дознаваме, од рамковизискиот пренос, дека во мигот се игра натпревар на Арсенал. Спомнати се Адебајор и Фламини (значи морало да се игра пред вториов да се одлучи за пензија во Италија), а бранел Ал Хабси (значи, се играло против Болтон). При споменувањето на 2:2 како израмнување, веќе станува јасно оти тоа е највозбудливиот натпревар во 2008 година, Болтон - Арсенал, кога пресвртот беше завршен во последните секунди од продолжението, за финални 2:3. Значи, оваа неверојатна драма се одвива на 29 март, 2008 година, на ден сабота, некаде непосредно по 17.30 часот.

Станува јасно дека малиот е веќе роден и до сега е неухранет, посвоен од некои среќни родители или пак, си живурка во некој дом за деца без родители. Зошто? Е па вака, кога типкава го кандисува дека условите не се важни, зашто потрошиле илјадарка во кафана и со тие пари ќе купувале пелени, станува јасно оти не само што немаат услови, туку оваа малку живее во некој друг свет. Имено, според фактот што по кафаната, немале пари да си купат кондоми, јасно е дека месечниот буџет за излегување им е илјадарка. Ете пари за пелени, ама бебето не мора да јаде, не мора да прима вакцини, не мора да оди на педијатар и во никој случај не му е потребна облека, помагала или пак играчки. (Пресметајте колку долго ќе живее само на пелени.)

На крајот од рекламата добиваме порака дека требало да избереш живот, зашто имаш право на избор. Во кој момент од времето и просторот, во оваа држава, без разлика на политичкото и општествено уредување не сте имале право на избор, особено кога се работело за живот? Ако вие немате право на избор, кој има право да го направи изборот место вас? Оттаму, оваа реклама е директна контрадикција на кампањата која треба да ја поддржи.

Реализмот е еднаков на нула. Навивач на Арсенал не може да биде кандисан за што и да е, за помалку од минута и пол. Топчија е во состојба да се убедува со вас (дури и кога не е во право!) со денови, за на крај да не се договорите апсолутно ништо. Ама па од друга страна, јасно ми е зошто е избран навивач на Арсенал. Да беше од Тотенхем, во мигот кога ќе му соопштеше: „Ќе имаме бебе“, следниот кадар веројатно ќе беше како ја крши вратата бегајќи.

Туку, ме мачи една друга дилема. Зошто типкаваа воопшто го кандисува овој? Како жена, дали ќе има бебе или не, нејзино право е да одлучи. По природниот тек на нештата, тој не би требало ниту да има мислење. Она што тој треба да го каже е дали: ќе остане крај неа, дали ќе ја земе за жена (од најпогрешните причини!) или пак ќе се одлучи да навива за Тотенхем (т.е. ќе замине некаде далеку).

Ако рекламава праќа некаква порака, тоа е дека двајца незрели луѓе, без услови за одгледување деца, како по некое правило, донесуваат крајно погрешна одлука. Не само што ќе се затворат дома засекогаш (оти и онаа илјадарка што ја имале еднаш да отидат некаде во месецот, сега ќе ја немаат), туку ќе му го загорчат животот и на ново дете, што ни криво ни должно, се родило. Оттаму, стварно не ми е јасно, кој живот го одбраа и за чие добро?

Leave a comment

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.